Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, Герет Саутгејт, тврди дека неговата евентуална смена сега, ќе ја дестабилизира репрезентацијата пред Светското првенство во Катар.
Англија во петокот вечерта во Милано беше поразена од Италија со 1:0 во натпреварот од петтото коло од А-сегментот во Лигата на нации и пред денешниот дуел со Германија, Англија е последна на табелата со само два бода и гол разлика 1:7. Англичаните во следниот циклус на Лигата на Нации ќе играат во Б-сегментот.
Британските медиуми потсетуваат дека Саутгејт долго време е мета на критики за лошата тактика и лошите резултати во Лигата на нации, поради што се бара негова смена или оставка од селекторската функција. Англиската репрезентација на претходните пет натпревари не постигна гол од игра.
„Мислам дека се уште сум вистинскиот човек за англиската репрезентација. Треба да останам до Светското првенство во Катар. Така тимот ќе има стабилност. Мислам дека играта на натпреварот против Италија не беше толку лоша, знам дека ние сме предмет на критика поради резултатите што ги бележиме во последно време“, изјави Саутгејт .
Тој истакна дека помладите фудбалери научиле многу од претходните натпревари во Лигата на нации.