Ракометарите на Бутел се враќаат со негатива од 5 гола од гостувањето кај екипата на Алпла Хард во 2. квалификациско коло од ЕХФ Европската лига. Вечерва во Австрија, домашните славеа со 26:21 и со добра предност ќе допатуваат на реваншот во Скопје.
Алпла Хард која во минатото коло го елиминираше вториот тим на Е. Пелистер, сега уште еднаш потврди дека се работи за одличен состав. Уште во првиот дел Австријците направија разлика од 3 гола (11:8), а во вториот дел иако на стартот Бутел се приближи на минус 1, сепак домашните успеаја во намерите да дојдат до што поубедлива победа и веднаш успеаја да се вратат на пристојна предност.
Сепак, нашиот преставник имаше одличен финиш и успеа негативата да ја стопи, но во финалето на мечот Алпла Хард повторно ја подобри реализацијата и ја врати предноста на 5 гола со која доаѓа на реваншот.
Мирко Мајиќ беше најдобар стрелец во редовите на Бутел на овој меч со 5 погодока, додека Николов постигна 4. Најголемата опасност по голот на Бутел денеска дојде од Лука Рашле кој заврши со 10 гола.
Реваншот ќе се одигра во Скопје на 4 октомври.