Македонија во Лига Нации: Почнавме со реми во Разград, завршивме со пораз во Скопје!

644

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Боли, пече синоќешниот пораз среде Скопје. Боли до небо. Македонија го загуби, и тоа на свој терен, мечот кој требаше да го добие по секоја цена. Тука не говориме за спортските мотиви.

Овој меч беше повеќе од фудбал, повеќе од игра, повеќе…

Сепак, Македонија загуби. Пораз кој искрено никој не го очекуваше, пораз кој долго сите ќе не “дрма“ што се вели.

Не смееше, едноставно не смееше синоќа Македонија да загуби.

Сепак тоа е спортот. И уште еднаш се покажа кога емоциите ќе те „удрат“ во глава, е тогаш си имаш проблем.

А се беше подготвено за големо славје. Најмалку 15.000 гледачи направија супер атмосфера, патриотскиот набој беше до максимум.

И тогаш шок, нервоза, неверување…Па зарем е можно?

Сега кога се освестивме, да кажеме како Македонија мина во овој циклус на Лига на Нации во сегментот Ц, во групата 4.

Почнавме со реми во Разград, па сигурба победа на Гибралтар, следуваше поразот дома од Грузија, рехабилитација со Гибралтар, и два порази во септемврискиот циклус. Првиот во Тбилиси, вториот синоќа во Скопје.

На крајот трети завршивме во групата, со две победи, едно реми и три пораз и освоени само 7 бодови со гол разлика 7:7.

Секако дека ова е неуспех.

Но, не смееме да заборавиме на сите проблеми кои ги имаше селекторот Благоја Милевски. Повреди, отсуства, мала минутажа или никаква на клучните играчи во своите клубови, потоа голем дел од играчите во последен момент си најдоа клубови. И кога е така тогаш ете ти проблем.

И сега, ете ти ги критичарите, сега ќе почнат со говоранции вака требаше или така требаше. Ќе пуштат смешни или идиотски пораки на своите социјални мрежи и тие кои до вчера беа дел од репрезентацијата. Ќе се ситат.

Забораваат, а не смеат, како и сите ние дека овој тим, овие момци, оваа Македонија, ова раководство и секако овој селектор, каде беа во март оваа година.

Е, па беа на чекор, на само 90 минути од пласман на Мундијалот.

Чекајте бре малку, па светот не пропадна зошто Македонија е трета во групата во ЛН. Чекајте малку. Еве во март ќе почнат квалификациите за ЕВРО 2024.

Верувајте во оваа Македонија. Верувајте во овие момци кои за само неколку месеци секако дека не заборавиле да играат фудбал.

За крај да кажеме дека Барди е во право кога кажа дека треба добро да се размисли до следниот собир, но исто така во право беа оние кои сметаа дека Бејтулаи и Дориев, и уште некои од ПМФЛ, заслужија повик и порано.

Селекторот добро знае кои се тие лица…

ПретходноТепачка меѓу Романците и Босанците: Хаос во Букурешт, судијата го прекина мечот уште во 32.секунда! (ВИДЕО)
СледноУ-19 селекцијата на Македонија со победа од 3:2 против Кипар!