По поразот со максимални 3:0 на првиот меч во Апелдорн, македонскиот одбојкарски шампион Струмица Никоб вечерва (19 часот) во реванш натпреварот против холандскиот шампион Динамо ќе се обиде да возврати со иста мера, па да се избори за „Златен Сет“ во кој че се решава прашањето за патникот во 2. квалификациско коло од ЦЕВ Лигата на шампионите.
Струмичано, конечно, вечерва ќе заиграат со комплетниот ростер кој на располагање го има тренерот Кире Ричлиев, што не беше случај на првата средба во Холандија. Поради тоа што Холанѓаните не им издадоа визи за влез во земјата, тројцата руски интернационалци Злобин, Лободин и Михаилов немаа можност да настапат на првиот меч. Вечерва работата ќе биде многу поинаква, па и амбициите и надежите на Струмица се многу поголеми.
Оптимизмот во редовите на шампионот е забележлив. Одбојкарите се сигурни во своите можности и се надеваат на голема поддршка од трибините која може да биде и пресудна на еден ваков меч. Не треба да се заборави дека ова е голем предизвик за нашиот шампион, затоа што Струмичани по подолга пауза се осмелија да се пробаат на мегдан со европските национални шампиони.
Со оглед на тоа што мечот се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, локалните навивачи веќе се договорени за организирано доаѓање во Скопје. Последните клупски вести велат дека три автобуси со навивачи од Струмица тргнуваат попладнево за Скопје, а ќе има и голем број фанови кои со свои автомобили ќе допатуваат за да ги бодрат своите миленици. Струмица Н. ја чека и несебичната поддршка од скопските одбојкарски вљубеници, затоа што влезот во салата ќе биде слободен.
Судии на мечот ќе бидат Василеиадис од Грција и Аро од Финска.