Штета: Струмица Н. победи со 3:1, но не успеа да го добие „Златниот сет“ против холандскиот првак

212

Во извонредна одбојкарска пресметка која траеше скоро два и пол часа, Струмица Никоб немаше среќа да обезбеди пласман во вториот круг од натпреварите во ЦЕВ Лигата на шампионите. Струмичани го реализираа ветеното и дојдоа до победа од 3:1 (22-25, 27-25, 25-23, 25-21) во сетови, но т.н. „Златен Сет“ (13-15) им припадна среќно на гостите од Холандија кои обезбедија место во следната квалификациска рунда од најсилното клупско натпреварување во Европа.

Струмица Никоб првиот сет го почна во грч. Холанѓаните го искористија тоа и успеа уште рано во сетот да се одлепат. До средината на првиот сет Динамо Апелдорн веќе имаше предност од 7 поени, која успеваше да ја одржи се до влегувањето во игра на Стојан Илиев, кој имаше извонреден сервис и во серија и донесе неколку поени на Струмица за да ја врати комплетно во игра (19:20). По тајм-аутот кој го зедоа гостите успеаја да ја прекинат серијата од 6:0 која ја имаа струмичани. Сетот влезе во вистинска неизвесност, но во решавачките моменти гостите успеаја да ги искористат своите шанси и со првата сет-топка да дојдат до 25:22 за водство од 1:0.

Гостите подобро го отворија и вториот сет и тргнаа со водство (1:3, 3:5). Струмица Никоб успеа да ја врати својата игра и многу брзо да го преземе водството (8:7). Оттука работите почнаа да одат во полза во полза на нашиот првак, кој со една одлична серија дојде до 12:7. Сепак, упорните гости не дозволија Струмица превреме да се одлепи, па возвратија со серија од 3:0 (12:10). На сервис на извонредниот Филип Деспотовски, нашиот првак се врати на +5 за 16:11. Динамо успеа да се врати повторно и да дојде до 19:19 и нова неизвесност во завршницата на сетот. Мотивираните одбојкари на Кире Ричлиев се изборија за дури три сет-топки откако поведоа со 24:21, но Холанѓаните успеаја со серија од 3:0 да го внесат сетот на разлика. Откако не успеавме во првите два обиди, третиот донесе среќа. Злобин реализираше за 27:25 и израмнување на 1:1 во сетови.

Внимателно и поен за поен се играше на почетокот на третиот сет. Струмица успеа да поведе за кратко (12:11), по што повторно сет во егал, но нашиот првак успеа да влезе во серија од 3:0 и да дојде до 16:13. Предноста од 3 поени струмичани ја задржаа до самиот финиш кога со 24:21 повторно со три сет-топки влегоа во завршницата. Првите две не ги искористија, но третата значеше поен за 25:23 и водство од 2:1 во сетови.

Разиграниот тим на Кире Ричлиев одлично го отвори и четвртиот сет поведувајќи со неколку поени разлика до 9:5 кога гостинскиот тренер го искористи и вториот тајм-аут. Динамо малку ја намали разликата и влезе кон средина на мечот со минимална негатива (13:11). Струмица прави серија од 3:0 за 16:11. Иако нашиот првак имаше константна предност од 2-3 поени, гостите успеваа да ја задржат неизвесноста, се додека влеговме со нови три сет-меч топки за 24:21, па овој пат не пропуштивме шанса да ја искористиме првата за 25:21 и победа од 3:1 во сетови.

Овој триумф значеше старт на т.н. „Златен сет“ за пласман во 2. коло од квалификациите за ЛШ.

Одлучувачкиот сет Струмица Никоб го отвори со предност од 5:3, по што гостите се изборија за пресврт и водство од 6:8. Струмица со фантастичен сервис на Михаилов се врати со серија за водство од 9:8. По тајм-аутот кој го зема гостинскиот тренер, Динамо доаѓа до предност од 9:11. Струмица  Никоб никако не успеа да најде шанса со серија да израмни, па гостите дојдоа со прва сет-меч топка на 12:14. Иако успеавме да намалиме на 13:14, во последниот напад големо недоразбирање во поле на одбојкарите на Струмица, и подарок поен за конечни 13:15 и пласман на Холанѓаните во 2. коло од Лигата на шампионите.

фото: CEV.eu

ПретходноХоландски талент во проблеми со мафија, му запалиле Порше вредно 180.000 евра!
СледноПике во јануари се сели во Мадрид?