Предводникот на женската ракометна репрезентација, Љубомир Савевски верува во сите кои се најдоа на списокот, не само за двомечот против Норвешка (денеска и на први октомври), туку и за она што следува, настап на Европското првенство.
Се создава нова генерација, планот е да биде стабилна, не за краток рок, туку за следните години. Савевски е задоволен од начинот на кој се залагаат сите, како и напредокот, посакува на ЕУРО 2022 година да приредат изненадување.
„Создаваме репрезентација која ќе трае 15 до 20 години која ќе тргне по стапките на генерацијата на Нацева, верувам во овие девојки. Во овие 20 ракометарки има шест младински репрезентативки. Знаете дека имаме тешка група, светски и европски прваци, ќе бидам среќен ако земеме скалп на еден од нив. Оваа генерација е мотивирана, верува во себе и влегува на секој меч за да победи. Репрезентација што треба да дојде ќе биде победничка, за тоа одбравме играчи кои играат во два правци. Штета е што имаме проблеми со повредите, Дуковска и Елена Георгиевска заработија незгодни повреди во изминатиот период, особено помошта на Георгиевска ќе ни беше драгоцена, но што е тука е.
Девојки кои играат во големи странски клубови, седум-осум кадетки и јуниорки. До сега имаат напредувано многу, јас сум задоволен, мислам дека ЕП треба да покаже дека сме на вистински пат“, изјави на прес-конференцијата предводникот на нашиот најдобар женски национален тим.