Одбојкарите на Струмица Никоб, сепак, ќе бидат домаќини на првиот меч од првото квалификациско коло во ЦЕВ Купот против хрватска Мурса. Според утврдениот распоред на натпреварите, Струмичани на големиот македонски празник, 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, во Скопје ќе го пречекаат хрватскиот тим во обид да направат добар резултат пред реваншот кој на 19 октомври е се одигра во Осијек.
Како и дуелот од Лигата на шампионите против Динамо Апелдорн, така и првата пресметка со Мурса во ЦЕВ Купот струмичани ќе ја играат како домаќини во Скопје во СЦ „Јане Сандански“. Мечот ќе се игра во вечерен термин од 19 часот, а судии на средбата ќе бидат Турчинот Илхан Бурхан и Бугаринот Илиан Георгиев.
Струмица Никоб одигра еден извонреден меч во Скопје оваа недела против холандскиот шампион ДинамО Апелдорн, славеше со 3:1, но во „Златниот сет“ немаше среќа и загуби со тесни 15:13 и не успеа да продолжи во втората рунда од квалификациите на најсилното европско натпреварување. Сега во второто по ранг натпреварување, ЦЕВ Купот, Струмица Никоб ќе има шанса да се обиде да остане што подолго на европската сцена.