Суперѕвездата на ПСЖ, Лионел Меси ќе ја одбие понудата за нов договор од клубот и ќе замине со слободен трансфер следното лето, тврди новинарот Микел Баскез. Меси (35) ја напушти Барселона во летото 2021 година поради тешките финансиски проблеми на Каталонците за да му се приклучи на парискиот клуб со двегодишен договор со опција за продолжување на уште една.
По тешката дебитантска сезона во францускиот фудбал во која постигна само шест гола во Лига 1, Аргентинецот изгледа конечно се аклиматизираше во новата средина. Тој оваа сезона веќе има шест гола и осум асистенции за ПСЖ, а претходно овој месец постигна и четири гола за репрезентацијата на Аргентина.
Но, и покрај неговиот неодамнешен напредок во формата, Меси ќе бара да го напушти „Паркот на принцовите“ на крајот од актуелната сезона, објави Баскез на Твитер.
„Лео е категоричен дека нема да го продолжи договорот со ПСЖ. Аргентинскиот фудбалер следната сезона нема да продолжи да игра во Париз“, стои во информацијата на шпанскиот новинар.
Се сугерира дека Меси би можел да се врати во Барселона.