Вардар 1961 по перфекција во Охрид, дерби во Кавадарци!

203

Денеска продолжуваат натпреварите во Првата лига, на програмата е петото коло. Единствениот тим со четири победи во низа, Вардар 1961 својата перфекција планира да ја продолжи во Охрид. Актуелниот македонски првак во претходното коло го доби дерби дуелот против Алкалоид и тоа во самиот финиш, па сега е лидер на табелата во групата А. Мечот се игра со почеток од 19:30 часот.

„Ќе наметнеме едно жестоко темпо и во напад и во одбрана. Во текот на сите 60 минути и да водиме и да губиме, тоа ќе биде жестоко темпо. Фанатачна игра во одбрана би ни дала шанса. Играме против Вардар, сепак. Моите амбиции се поклопуваат со тие на играчите. Не се плашат од никого, им гледам жар во очите. Одиме да се надигруваме, како ќе биде ќе покаже резултатот. Очекувам поддршка од трибините нашите навивачи кои знаат ракомет и можат да направат подобра атмосфера и од Чкембари и од Комити, сигурен сум тоа го имам почувствувано на своја кожа на натпревари со Струга, со Пелистер, со Вардар“, изјави тренерот на Охрид, Горан Андоновски. 

Во истата група, Прилеп го пречекува Вардар Неготино во 13 часот. Домаќинот има реми и три порази, додека пак гостите и натаму се без освоен бод. Бутел Скопје е домаќин на Куманово (18 часот), додека колото ќе биде комплетирано утре со мечот меѓу Алкалоид и Струга.

Во групата Б, денеска ќе се одиграа три меча, сите во терминот од 18 часот. Тука на табелата првото место го делат Е.Пелистер и Пролет, битолчани имаат подобра гол разлика, а новата победа ќе ја бараат против Јуниор К.В на гости.

Дербито е во Кавадарци, Тиквеш предводен од Данило Брестовац ќе го пречека Пролет.

„Ја пречекуаме добрата и искусна екипа на РК Пролет оваа недела, после три врзани победи сигурно е дека самодовербата на екипата е на високо ниво. Напредуваме и растиме како тим од натпревар во натпревар и се надевам дека ќе продолжиме во тој правец. Натпреварите со екипата на РК Пролет се секогаш тешки и неизвесни, одлучуваат најситните детали. Го почитуваме противникот, но сепак играме дома и апсолутно верувам во мојот тим, домашниот терен, нашата публика и дека ќе ја оствариме зацртаната цел. Одиме на победа”, изјави најдобриот стрелец на Тиквеш, Страхиња Симиќ. 

Интересно ќе биде и на мечот меѓу Голден Арт и Радовиш. За недела е закажана пресметката меѓу Е.Пелистер 2 и Скопје.

ПретходноВМФЛ: Пелистер и се “остри“ на Воска, Гостивар и Вардар пред нови победи!
СледноМЗТ Скопје без бело знаме против првакот на АБА-лига!