Тимот на Тиквеш резултатски се рестартираше. По лошиот страрт на сезоната, сега дојдоа победите, и бодовите со кои се замина во сигурниот дел од табелата.
Денеска е обезбеден триумф на домашен терен против Скопје од 2:0. Само уште една потврда на оние две победи против Шкупи односно Академија Пандев и дека кавадарчани одат во вистинскиот правец.
„Ова се најтешките дуели. Кога сите очекуваат три бода, но истите мора да се освојат на терен. Скопје не е лесен противник, тоа е добар тим, со добри играчи, тоа се покажа денеска во Кавадарци. Тиквеш покажа со оваа победа дека победите против Шкупи, и Академија Пандев како и добрата игра во Сруга не биле случајни. Оваа победа оди на конто на играчите. Ова е нивна заслуга затоа што на најдобар начин покажуваат дека во нив има екстра квалитет. Одиме чекор по чекор, меч по меч. Имаме куп натпревар во среда, па се враќаме на ПМФЛ активностите“ – ни изјави тренерот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов.