По очајната серија на мечеви без победа, тимот на Јувентус конечно синоќа триумфираше над Болоња со 3:0. Тренерот Алегри е свесен дека ова не значи ама буквално ништо и дека тимот мора уште многу да работи за да се поправи.
„Бевме обединети и покажавме дух. Го исклучувам крајот на првото полувреме кога направивме неколку елементарни грешки во нападот. Потоа моравме да го намалиме темпото и да бидеме попрецизни со додавањата. Немавме победа еден месец и добро е што го направивме тоа убедливо. Не смееме да се залажуваме, туку да размислуваме како да победиме против Макаби Хаифа во Лигата на шампионите“, прокоментира Алегри па додаде.
„Не можам да кажам дека очекував толку силен ангажман од Милик, но знаевме дека тој е интелигентен напаѓач кој знае како да се оттргне од дефанзивците. Бев сигурен дека ќе направат добар тандем со Влаховиќ. Важно беше и враќањето на Рабио и Локатели. Адриен има различни карактеристики од останатите наши играчи од средниот ред. Тој е во совршена фудбалска возраст и од него очекувам силна сезона“, објасни тренерот на Јуве па поентираше.
„Во соблекувалната тешко можевме да поверуваме дека конечно победивме. Мораме да напредуваме чекор по чекор. Се надевам дека постепено ќе ја намалуваме разликата од лидерите. Системот на игра го избирам според играчите што ги имам на располагање. Навивањата пред натпреварот? Важно е да останете смирени и да не се предавате на емоциите. Септември беше навистина ужасен за нас“, призна Алегри.