Пишува: Зоран Ѓоршоски
По двонеделната пауза поради настапите на репрезентациите, викендов продолжија возбудувањата во ПМФЛ. Најважен момент секако дека е прекинувањето на серијата на Струга ТЛ. Нема девет од девет за четата на Срѓан Захариевски, но ништо страшно. Иако реално стружани беа блиску до победа во Ѓорче, но самите си се виновни за тие 1:1. На 0:1 имаа играч повеќе и три зицери да стават точка на победата.
Сепак според авторот на овој текст главен настан во ова коло е поразот, и тоа убедливиот пораз на Брегалница од Работнички. По традицијата “сините“ си губат редовно дома од Работнички, но она што се случи во саботата е доказ дека дефинитивно таму работите не се како што треба. Дали е потребен некој вид на рестарт, не се знае. Но Брегалница и дефинитивно си тера по старо и тоа веќе станува здодевно. До кога ќе се најавуваат подобри денови, а тие никако да дојдат.
А што е причината? Немаат проблеми со финансиите, имаат добар тим, Илчо има одврзани раце да прави што сака со тимот, значи имаат се што треба а резултатите не се ни од далеку како што треба да бидат.Три порази на осум меча се премногу. Од 24 бодови Брегалница освои само 11, премалку. Ти доаѓа Работнички на гости со нов тренер и те победува и тоа убедливо. Јасно е дека имаше судиска грешка, но тоа не главната причина за поразот. И дефинитивно оваа Брегалница тешко дека ќе ја оствари целта, а таа е излез во Европа. Тешко и никако. Значи уште една загубена сезона за “сините“, уште едно фудбалско разочарување за сите фанови во градот под Исарот. Погледнете ја табелата и се ќе ви биде јасно.
Силекс освои голем бод на Чаир. Се чини дека ова беше најголемиот испит за кратовци оваа есен, и тие го минаа со висока оценка. Овој Силекс и дефинитивно ќе им прави проблеми на сите оние кои сакаат да бидат при врвот.
А Тиквеш е четврти! Полека, полека но кавадарчани под водство на тренерот Ѓоко Мојсов се дигаат на табелата. Веќе не е изненадување кога Тиквеш ќе победи, тоа доаѓа како нешто вообичаено.
Шкендија е опасна. Шкендија среде Прилеп во една чудна атмосфера, кој бил на тој меч знае на што мислам, од недосудениот пенал па се до она што се случи по мечот, Шкендија покажа дека под водство на Ќатип Османи се враќа во “игра“.
И се ми чини дека ако некој може да ја загрози Струга Трим Лум, тоа е само Шкендија и никој друг.