Актуелниот тренер на Ајакс, Алфред Шредер изјави дека бројните промени во тимот на стартот на сезоната и недостатокот на самодоверба се причините за убедливиот пораз од Наполи со 1:6 на домашен терен во рамките на Лигата на шампионите. Ајакс го напуштија играчи како Антони, Лисандро Мартинез, Рајан Гравенберх и Себастијан Але, па тука капитенот Тадиќ, а и тренерот Шредер ја гледаат причината за слабите резултати сезонава.
„Имаме седум или осум нови фудбалери. Кога ќе останеш без многу фудбалери, тогаш е тешко да го надополниш тоа. Тогаш се потребни многу натпревари за да се формира кохезија во тимот“, изјави Тадиќ кој беше исклучен и ќе го пропушти реваншот во Неапол.
А Шредер е лут што нема напредок во тимот во последните недели.
„Точно дека направивме многу промени од стартот на сезоната но се уште немаме напредок во нашата игра. Премногу сме немирни во сите фази. Тоа секако ме загрижува, но сè што можеме да направиме е да одлучиме како работите можат да се подобрат. Некои фанови си заминаа порано, тоа е нивна одлука и го гледам како нормална реакција. Ако Ајакс игра лошо и изгуби со 1:6 тогаш тие се лути“, додаде тренерот.
Поразот не само што беше најтежок за еден холандски клуб во Европа оваа сезона, туку и трет за Ајакс во последните четири натпревари во сите натпреварувања.
„Дефинитивно не го очекував ова. Знаев дека Наполи може да игра добар фудбал, тие имаат храброст и затоа треба да покажеме храброст, но не го направивме тоа. Секако не со топката. Тоа е удар за сите нас. Тоа е јасно. Наполи е фантастичен тим полн со самодоверба. Во моментов ние тоа го немаме. Прелесно примивме голови, а тоа е недостојно за Ајакс.“, прокоментира Шредер.