Веројатно ни тој самиот не знае како најправилно се изговара неговото име на некои од европските јазици, па така ние ќе го наречеме Квича Кваратскелија. Новата ѕвезда во Серија А, новата ѕвезда на Наполи. Македонија многу добро ги запозна неговите квалитети, и во Тбилиси и во Скопје кога Квича и другарите од селекцијата на Грузија успеаја да слават со вкупни 5:0.
Наполи направи блескав потег ова лето кога успеа да го ангажира за само 10 милиони евра фудалерот кој има само 21 година и е огромен, огромен потенцијал. На 8 меча во Серија А постигна пет голови, стрелец беше и во Лигата на Шампионите. На крилјата на Кварадона, како што сега го нарекуваат во Италија, тимот од Неапол маршира ли маршира кон титулата, Моментално тимот на Спалети е хит во Европа, прашајте го Ајакс како мина вчера.
За нас е интересно е тоа што токму Кварадона му го зеде местото на Елиф Елмас, на нашиот Дијамант. Елмас сега добива шанса да игра само во последните 5-10 минути. Спалети се чини дека не му верува најмногу на Македонецот, иако на секој прес го фали и го дига до небо.
Но затоа има доверба во Кварадона кој блеска ли блеска, а Дијамантот ја “грее“ клупата на Наполи.