Ракометарите на Е. Пелистер денеска ги добија ривалите за групната фаза од ЕХФ Европската лига. За квалитетот на групата и очекувањата, своите разлислувања ги дадоа тренерот и капитенот на битолските „зелено-бели“.
„Задоволен сум од ждрепката. Еден тим отскокнува од останатите, тоа е Фуксе Берлин. Останатите екипи можам да кажам дека се блиску до нашето ниво. Многу важно ќе биде да се заобиколат повредите, бидејќи ќе играме многу натпревари секоја недела. Ако сме здрави и ако продолжиме да напредуваме, имаме добри шанси да ја минеме групата. Архус има три искусни ракометари: плејмејкер, лев бек и пивотмен. Исто така имаат добар дефанзивец, а и одличен голман. Останатите се млади момци, многу трчаат и играат типично скандинавски ракомет. Тежок ривал се, играат убав тактички ракомет. Верувам дека публиката ќе ни помогне, бидејќи тука е многу тешко за играње за скандинавските екипи“, вели тренерот на Е. Пелистер, Ларс Валтер.
Сите противници се горе-долу познати ривали. Капитенот Радовиќ вели дека со МОтор добро се познаваат.
„Тешко е да се прогнозира дали сме задоволни или не. Многу работи ќе се знаат овие две недели. За нас најбитно е да мислиме само на себе. Екипата напредува од ден на ден и играме да ја поминеме групата и да направиме чекор понапред во споредба со минатата сезона. Групата е исполнета со квалитетни екипи, знаеме што значи еден Фуксе Берлин, со Бидасоа Ирун игравме во Лигата на шампионите пред три сезони, Мотор го познаваме… Сите противници се за респект, но ние во оваа пеколна атмосфера имаме за што да се надеваме. Очекувам пласман во следниот круг, но не сакам да поставував цели. Треба да се спремиме за првиот натпревар и чекор по чекор, натпревар по натпревар“, вели капитенот Мирко Радовиќ.