Со дуелот ТФТ – МЗТ Скопје: Денеска стартува 31. сезона во нашата елитна кошаркарска лига!

172

Денеска стартува новата, 31.сезона во нашата елитна кошаркарска лига. И тоа со мечот меѓу ТФТ и МЗТ Скопје кој е закажан за 19 часот во салата СРЦ “Кале“ во Скопје. Ова ќе биде реприза на последното финале во Купот и последниот Суперкуп на Македонија каде овие две екипи ги одмерија силите.

Ова ќе биде дуелот на актуелниот бранител на купот и актуелниот шампион. Подобро и да сакавме не можевме да побараме за старт на една сезона. Дуел на две квалитетни екипи.

По Суперкупот на ред е првиот првенствен двобој помеѓу двете најдобри екипи во минатиот шампионат, ТФТ го пречекува МЗТ Скопје Аеродром на отворањето на новата сезона во македонскиот национален шампионат.

Неколку дена од порано предвидениот термин, поради обврските кои ги има МЗТ Скопје Аеродром, првиот натпревар од новата натпреварувачка сезона 2022/2023, веќе во четврток навечер. Од 19.часот во салата на СРЦ „Кале“ ги пречекува екипата со која веќе одиграа еден натпревар во оваа (прет) сезона, – ТФТ.

Натпреварот беше дел од Суперкупот, на истото место, а многу извесно и во слични услови, исполнета сала, навивање од двете навивачки групи.

Амбиент во кој ќе стартува и новиот шампионат, 31. во историјата, во кој двете екипи ги бранат пехарите освоени во претходната сезона.

Екипата од Аеродром, оној шампионскиот, а онаа од Тафталиџе, од националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“.

Реков и пред некое време, ние сме МЗТ, влегуваме како шампиони и фаворити. Променивме доста од странците, домашниот ростер остана ист. Мислам дека тимот е во слична физиономија како и лани. Одлучивме малку да го подмладиме тимот со годините, затоа и ги направивме промените. Нè чека доста тешка сезона, но целите на МЗТ остануваат исти – да се напаѓа секој домашен трофеј, додека во АБА-лигата ќе се бориме за подобри резултати” смета стратегот на МЗТ Скопје Александар Петровиќ.

За кратко време, по десетина дена, следува уште еден натпревар против ТФТ, овојпат во првото коло од новиот шампионат

ТФТ сигурно е екипа за респект, пред се има добар ростер на домашни играчи и нови странци. Ланклан Андерсон им се врати во тимот, сигурно и дека со настапот во квалификациите за Лигата на шампионите покажаа дека имаат квалитет. Неслучајно беа и домаќини на турнирот, сигурно дека имаат и гледаат свои шанси. Очекувам еден добар дуел. Ние сигурно имаме поголемо искуство затоа што играме со години во континуитет во АБА и АБА “

Предводникот на македонскиот шампион, генерално гледано, очекува добра сезона во Првата лига…

Очекувам генерално една добра сезона. Екипите полека се консолидираа, Пелистер и ТФТ се добри, Еуро Никел е стандарден, Гостивар има амбициозен ростер со нов тренер. Ќе биде интересно во лигата. Секако дека МЗТ е прв фаворит, тука е и Работнички кој полека се консолидира, тоа е добро за мак-баскетот, затоа што овој клуб мора да се врати на старите патеки за подобра домашна сцена“– заклучи Петровиќ.

ТФТ не изненади на премиерниот натпревар од новата сезона. Шампионот одигра ефикасно во тој дуел од Суперкупот, и заслужено дојде до првиот пехар.

Ждрепката на натпреварувачките броеви посака ТФТ и МЗТ Скопје Аеродром да го отворат новиот шампионат. Вечерва од 19.часот во СРЦ „Кале“.

Ја отвараме оваа сезона онака како што ја завршивме минатата, имајќи в предвид дека одигравме и Суперкуп натпревар минатата недела, денешниот против екипата на МЗТ Скопје е четвртти во низа, земајќи ја предвид и минатогодинашната плеј-оф серија. Овој натпревар доаѓа во еден транзициски период за нас, влегуваме со малку изменет состав, без Донован Доналдсон кој во меѓувреме се пресели во Пелистер, како и сеуште без нови имиња во составот кои очекуваме да бидат обелоденети деновиве. Сепак веруваме во она што го имаме, напорно работиме за да бидеме подобри и со сигурност одиме да се натпреваруваме со верба за позитивен резултат на утрешната средба. Имавме прилика да направиме дополнителна анализа на противникот и да корегираме некои од грешките од минатата недела. А со сигурност за очекување е и да имаме подобар пристап – нешто што го ценам како клучен фактор за конечниот исход на натпреварот“– истакнува тренерот на ТФТ Боро Смилковски.

Останатите средби од премиерното коло од новата сезона ќе се играат викендот кој следува.

На 8. октомври (сабота) ќе играат: Навико Академија ФМП-Кожув (18.00), Гостивар-Пелистер (18.00) и Струмица-Еуро Никел 2005 (19.00).

Ден подоцна, во недела, од 14.часот, Куманово 2009 го дочекува новиот прволигаш Чаир 2023, а од 17.часот, во СРЦ „Кале“, следува дуелот Работнички-Феникс 2010.

ИСТОРИЈАТ

Досегашни шампиони на Македонија – мажи

СЕЗОНА 1992/1993 Работнички – МЗТ Скопје       3:0

СЕЗОНА 1993/1994: Работнички – Кочани Деликатес    3:2

СЕЗОНА 1994/1995: Работнички – Кочани Деликатес    4:3

СЕЗОНА 1995/1996: Работнички – МЗТ Скопје      3:0

СЕЗОНА 1996/1997: Работнички – Жито Вардар   4:2

СЕЗОНА 1997/1998: Работнички – МЗТ Скопје      3:2

СЕЗОНА 1998/1999: Работнички – МЗТ Скопје      3:2

СЕЗОНА 1999/2000: Никол Ферт – Работнички     3:2

СЕЗОНА 2000/2001: Работнички – МЗТ Скопје      3:0

СЕЗОНА 2001/2002: Работнички – Куманово        4:2

СЕЗОНА 2002/2003: Работнички – Поло Трејд       3:0

СЕЗОНА 2003/2004: Работнички – МЗТ Скопје      4:1

СЕЗОНА 2004/2005: Работнички – Вардар  4:2

СЕЗОНА 2005/2006: Работнички – Вардар  4:1

СЕЗОНА 2006/2007: Струмица – Работнички         4:1

СЕЗОНА 2007/2008: Фени Индустри – Струмица  4:3

СЕЗОНА 2008/2009: Работнички – Фени Индустри          4:2

СЕЗОНА 2009/2010: Фени Индустри – Вардар Осигурување    4:3

СЕЗОНА 2010/2011: Фени Индустри – Работнички          4:1

СЕЗОНА 2011/2012: МЗТ Скопје Аеродром – Фени Индустри 4:1

СЕЗОНА 2012/2013: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув       4:0

СЕЗОНА 2013/2014: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 3:1

СЕЗОНА 2014/2015: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово            3:0

СЕЗОНА 2015/2016: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 3:1

СЕЗОНА 2016/2017: МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 3:2

СЕЗОНА 2017/2018: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром 3:0

СЕЗОНА 2018/2019: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 3:0

СЕЗОНА 2019/2020: не беше прогласен шампион

СЕЗОНА 2020/2021: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005          3:0

СЕЗОНА 2021/2022: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер 3:0

ПретходноВо 1/4 финалната ждрепка во Купот сите ќе го сакаат Вардар за ривал како единствен второлигаш!
СледноХаос во НБА: Скандалозна тепачка на тренинг во таборот на шампионот!