Хитот на сезоната во ПМФЛ, тимот на Струга ТЛ завчера успешно ја мина и осминафиналната пречка во Купот на Македонија наречена Работнички. Тимот на Срѓан Захариевски успеа да победи со 2:1, но забележително беше тоа што на голот на овој дерби меч на не беше фантастичниот Ведран Ќосевски, туку младиот Кристијан Китановски кој на дело покажа дека и на него ќе мора да се смета.
„Китановски е од Битола, тој кај нас е веќе една година и напорната работа од страна на мојот соработник Дардан Мифтари, инаку тренер на голманите, еве вродува со плод. Китановски напорно работеше во текот на овој период со Мифтари и јас не се двоумев да му дадам шанса на мечот со Работнички. Иако има само 20 години, Китановски покажа на дело дека ние имаме уште еден квалитетен голман покрај Ќосевски“ вели стратегот на Струга ТЛ Срѓан Захариевски.
Инаку Захариевски напоменува дека и претходно Китановски добивал шанса да брани за првиот тим.
“Така беше и во Неготино против Вардар Неготино во 1/16 финалето од Купот. Само нека продолжи со напорната работа и натаму ќе добива шанса. Сезоната е долга, секако дека кога ќе има можност и кога тренерот Мифтари ќе оцени дека е подготвен, Китановски ќе ја има мојата доверба. Видете, ако тој не е добар голман тогаш нема ни да бил во Струга Трим Лум“ рече на крајот Захариевски кој е познат кој секогаш им дава шанса на млади и талентирани играчи, посебно во Струга Трим Лум.