Гостивар е првиот сериозен предизвик за вицешампионот Пелистер!

51

 

Со мечот меѓу ТФТ и МЗТ Скопје, во кој триумфираше шампионот, стартуваше и новата сезона во нашата елитна кошаркарска лига. Првото коло ќе се комплетира денеска и утре.

За денеска се закажани три натпревари.

(8.ОКТОМВРИ-САБОТА-18.00) ГОСТИВАР – ПЕЛИСТЕР

Во новата сезона Гостивар влегува со доста променет состав, но и ново име на клупата. Заедно со екипата, новиот тренер, Љупчо Малинков ќе се обиде на публиката во салата „Младост“ да им донесе многу позитивни моменти.

„Амбиции на клубот и некое мое лично очекување е со промената на системот на натпреварување повеќе екипи да атакуваат на што повисок пласман. Наместо шест, во плеј-офот ќе има осум екипи, што го прави натпреварувaњето поинтересно. Во прво коло од новата сезона, за противник го имаме Пелистер. Со оглед играме пред празна сала, тие се некои фаворити, макар и на хартија. Ние ќе го дадеме својот максимум да ги изненадиме, и да стигнеме до прва победа во новиот шампионат“ – вели Малинков.

Пред Марјан Илиевски, шефот на стручниот штаб на битолски Пелистер е многу работа. Да го „намести“ практично новиот состав на екипата од Битола на ланскиот „изглед“, односно одново да биде дел од финалните битки, како во првенството, така и во Купот на Македонија, секако и подобри игри во натпреварите од АБА 2 лигата.

„Во сезоната влегуваме со доста променет состав. Поради тоа се обидовме да одиграме што е можно поголем број на контролни натпревари, претежно со екипи надвор од Македонија. Се со цел да се стекнеме со одреден процент на воиграност пред почетокот на новиот шампионат. Забележливо е дека ќе биде доста израмнето, иако МЗТ Скопје има одредена предност со оглед на тоа дека има сериозен ростер, не само за домашното првенство. Го стартуваме со нималку лесно гостување во Гостивар. Сакаме да го заборавиме она ланското. Ќе играме пред празни трибини, што би требало да донесе рамноправен натпревар во кој ќе решаваат нијанси“– смета Илиевски.

 

(8.ОКТОМВРИ-САБОТА-18.00): НАВИКО АКАДЕМИЈА ФМП – КОЖУВ

„Екипата е променета во споредба со мината сезона, но целите и за оваа сезона остануваат исти, пред се обезбедување на опстанок во лигата и развивање на млади играчи. Тимот кој е составен од млади играчи и играчи кои во претходните сезони не добивале голема минутажа во нивните клубови. За натпреварот со Кожув кој го играме на домашен терен, очекуваме максимална борба, и остварување на што подобар резултат“ – појаснува Никола Божиновски, првиот тренер на младиот состав на Навико Академија ФМП.

Многу новитети има и во Гевгелија, основниот е промената на местото на шеф на струката, каде сега на првата позиција е Игор Михајловски.

„Бидејќи сум новодојден тренер во Кожув, за многу работи можам да кажам дека почнуваме од почеток. Очекувам со добра и напорна работа да напредуваме од ден во ден, како индивидуално, така и како тим. Да создадеме тимски дух, со желба на секој на натпревар  да го дадеме својот максимум како во одбраната така и во нападот. И да се бориме за победа. Кога станува збор за натпреварот од првото коло, односно гостувањето кај Навико Академија ФМП, очекувам добар пристап на мојата екипа. Влегуваме со желба за надигрување со противникот на двете страни од теренот. Им посакувам добра игра и среќа на моите играчи“ – вели Михајловски пред гостувањето во Кисела Вода.

 

(8.ОКТОВРИ-САБОТА – 19.00): СТРУМИЦА 2022 – ЕУРО НИКЕЛ 2005

Златко Зетов и Струмица се одново во најсилната конкуренција. Направија вистинско изненадување струмичани во ланскиот плеј-оф во Втората лига, и сосема заслужено се вратија во елитната дивизија. А на враќањето во сабота навечер од 19.часот, во салата „Парк“ на гости им доаѓа една од најдобрите екипи во изминатиот период, Еуро Никел 2005.

Зетов прво говори за амбициите на Струмица пред она што следува овој викенд:

„Првична цел како нов прволигаш е да избориме опстанок во Првата Лига. Но ако ни се укаже можност, да се вклучиме во борбата за влез меѓу првите осум екипи сигурно дека ќе ја искористиме. Екипата е добар спој на младост и искуство и се надевам дека нашите млади играчи Зетов, Ахтаров, Томов, заедно со искусните Крстајиќ, Стаменковиќ, Мамузиќ и другите, ќе го покажат целиот свој потенцијал, и дека ќе гледаме убава кошарка во Струмица“.

А потоа и неколку зборови за средбата со кавадарчани:

„Иако сме домаќини на првиот овосезонски дуел со екипата на Еуро Никел сепак улогата на фаворит е на нивна страна. А ние со голема пожртвуваност и борбеност ќе се потрудиме колку повеќе можеме да им ја отежнеме фаворитската улога и ако можеме да направиме изненадување“.

Јасно е дека екипата од Кавадарци има поголеми шанси за успех. А што лично очекува нивниот предводник од клупата Горан Самарџиев:

„Очекувањата за новата сезона на Еуро Никел се исти како и во претходните години. А тоа е да се атакува на врвот од македонската кошарка. Со оглед на промената на системот на натпреварување, сега на почетокот на сезоната не може да се каже кој и каков резултат може да очекува, со оглед на тоа дека и осмопласираниот тим ќе има шанса за титула. Оттука, првенството ќе биде поинтересно во вториот дел од сезоната. Очекувам максимално залагање од играчите на секој натпревар. И Еуро Никел ќе оди на победа на секој натпревар“.

Еден од нив е и саботниот во Струмица…

„Што се однесува до првиот натпревар во Струмица, можам да кажам само дека екипата на Струмица е една непозната за нас во овој момент, зборувам како тим. Но добро ги познавам индивидуалните карактеристики на играчите и ќе гледаме со една тимска, игра пред сè, во одбраната, да дојдеме до поволен резултат“.

ПретходноАлкалоид и во Неготино сака да покаже сила, Езерско дерби во Струга!
СледноМилевски пред утрешната ждрепка за квалификациите за ЕП 2024: Немам посебни желби, но убаво е да се има среќа!