Последниот натпревар од првото коло во прволигашкото друштво понуди одлична кошаркарска пресметка која му припадна на Феникс, против Работнички славеше со 64-75. На овој начин брзо го олади најтрофејниот по спектакуларната најава за нови подобри денови, потенцирани од страна на премиерот Димитар Ковачевски.
Феникс во својата втора сезона како дел мак-баскет елитата најави дека одново ќе биде конкурентен. Првите десет минути од мечот им припаднаа на гостите, водеа со 15-22, на другата страна Димитар Мираковски немаше решение за нивната игра.
Веќе во следната четвртина, најтрофејниот го посидна нивото, па на одморот замина со минимална негатива од 37-38 која за кратко време се претвори во двоцифрена. Кошаркарите на Феникс одиграа четири фуриозни минути, со серија од 11-0 поведоа со 37-49. Сепак Работнички не дозволи оваа средба да биде брзо решена, врати со 12-0 серија и израмни на 49-49. Благофарение на распложениот Крафорд, домаќинот во последната четвртина влезе со резултат 54-57.
Феникс продолжи да одржува предност од шест до четири поени, долго време на семафорот стоеше резултатот 58-64. Крафорд намали на минус два, но Феникс мудро ги решаваше ваквите ситуации, во 38 минута водеше со 62-71, важна тројка постигна Петков. Работнички на другата страна не искористи напад, по што следеше казна, гостите поведоа со 62-75 и ставија крај на сите надежи.
Бакингам со 21 поен беше прв стрелец кај победникот, три помалку запиша Петков, 15 поени имаше Митревски, додека Хот застана на 10. На другата страна Крафорд со 26 поени беше најдобар на теренот.