Талески: Покажавме дека можеме да го носиме товарот! Циклусот е нов, но целите се исти!

185

„Новата“ Македонија полека се гради. Без Лазаров, Стоилов и Миркуловски, лидери, мотиватори и борци, наследниците покрепени со уште неколку искусни имиња почнуваат нов циклус, во кој целите се исти – пласман на големите натпреварувања, во овој случај ЕУРУ 2024 година.

Филип Талески е еден од репрезентативците кои треба да биде лидер на новата генерација. Ракометарот на Вардар во последната година се издигна, веќе е лидер во Вардар, а ништо поразлично не беше ниту во последните мечеви во дресот на Македонија.

„Нов циклус, но идејата и целите се исти на оваа репрезентација. Без разлика на тоа кој е во составот и на списокот, мислам дека заслужуваме да бидеме на големи натпреварувања. Мислам дека имаме убава група каде што може да го оствариме тоа што ни е зацртано, а тоа е да бидеме повторно на Европско првенство. Има многу измени во составот, ги нема повеќе Стоилов и Миркуловски кои беа предводници и мотиватори, но сега дојде време кога младината треба да преземе сè. Мислам дека во последните месеци покажавме дека може да го носиме тој товар на нашиот грб“, изјави Талески. 

Стилот на игра дефинитивно ќе се менува, Македонија ќе игра динамичен ракомет, како што тоа го практикува Алкалоид каде што е тренер Кирил Лазаров.

„Можам да кажам дека ракометарите на Алкалоид, каде што Лазаров е тренер, играат еден динамичен ракомет и мислам дека сите играчи сме подготвени физички за предизвиците. Ќе треба да се договори тактиката и мислам дека ќе може да играме квалитетен ракомет“.

Што се однесува до стартот на квалификациите за ЕП 2024 година, желбата е единствена да се почне со две победи.

„Во денешниот ракомет нема фаворити, сите играат ракомет и може да се случат изненадувања. Треба да бидеме фокусирани и да ги одработиме нашите задачи, па тоа ќе ни помогне. Сакаме да одиме на две победи во овој циклус за потоа да бидеме подготвени за дуелот против Португалија“.

Македонија на 12. октомври ја пречекува селекцијата на Луксембург, додека четири дена подоцна ќе гостува на Турција во Ван.

ПретходноВМФЛ: Пехчево Скопје го декласираше Кожуф!
СледноЧаирчани тргнаа со победа – го освоија Куманово