МЗТ Скопје го запиша вториот пораз во АБА-лига, откако на домашен терен беше совладан од Партизан со 74-92. Во прекрасна атмосфера пред полни трибини се одигра пресметката во рамките на второто коло во јадранското друштво. По подолго време, Скопје се разбуди кога станува збор кошарката, беше убаво да се видат толку фанови на едно место дојде за овој спорт, кој веќе со години е неатрактивен.
Дуелот беше изгубен уште во првата четвртина во која домашните кошаркари одиграа под нивото, нападот беше катастрофален.
Партизан влезе силно, уште во првите три минути на дело покажа зошто е голем фаворит против македонскиот првак, поведе со 0-9. Александар Петровиќ повика тајм-аут брзо, кој пак веднаш не вроди плод. Првите поени за МЗТ Скопје ги постигна Кафи после 3:42 минути игра за 3-9. Гостите влегоа во серија на грешки, но „сино-белите“ не го искористија тоа максимално, не одеше шутот, не одеше ништо, индивидуалноста доминирапе, па само намалија на 5-11. Веднаш стигна казна, 5-19 беше во деветата минута. По првите десет минути беше (9-25).
Македонскиот првак ја поправи играта, беше рамноправен противник, сепак резултатски тоа не можеше да се осети, бидејќи Партизан по кратко време во втората четвртина водеше со 12-31. На одморот негативата изнесуваше 32-46.
Со шест поени во низа, МЗТ Скопје тргна во третата четвртина дојде на 38-48, но тука и застана. Немааа сили кошаркарите на македонскиот тим за нешто повеќе, а згора на се во одредени моменти судиите повеќе беа наклонети кон српскиот состав, како тоа да беше потребно. Во 28. минута, негативата изнесуваше 46-67, беше јасно дека сликата на теренот нема да се промени.
Последната четвртина беше чиста формалност, бидејќи гостите во неа влегоа со предност од 52-69.
Мицовиќ со 18 поени и Кафи со 17 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје, Војдан Стојановски постигна 11 поени.
Во следното коло МЗТ Скопје ќе биде домаќин на Будуќност, уште една тешка задача за прва победа во АБА-лига.










