Денеска е 11 Октомври, голем ден за Македонија, за нашата Македонија. Национален празник, денеска е Денот на востанието.
„Спортмедиа“ на своите читатели им го честита празникот со едно потсетување на еден од најголемите спортски, пред се фудбалски успеси во самостојна Македонија.
Тоа беше на 11 Октомври 2016 година. Таа вечер на Арената во Скопје пред 25.000 гледачи, нашата млада репрезентација го играше решавачкиот меч во квалификациите за пласман на ЕП 2017 за селекции до У-21.
Македонија против Шкотска, ни требаше победа за да одиме на ЕП во Полска. Пред нас беше најголемиот успех дотогаш во мак – фудбалот.
Благоја Милески тогаш селекторот на У-21 со своите момци како Барди, Велковски, Бејтулаи, Бабунски, Николов, Ангелов, Маркоски, Муслиу, Аврамовски и други славеа против Шкотите со 2:0 и тоа со головите на Барди и Маркоски.
На радоста и немаше крај. Од трибините ечеше – Македонија, Македонија. Да се наежиш беше атмосферата.
Македонија успеа, Македонија се најде на ЕП, за првпат во својата историја. Дел од оваа генерација во многу помогна Македонија после 3-4 години да се најде и на ЕП за сениори во 2021 година.
Утредента, на 12 октомври, тогашниот спортскиот весник „Македонски Спорт“ излезе со фантастична и најубава насловна во својата 20-годишна историја со наслов: “Ние сме чудо – славиме лудо“.