Македонската ракометна репрезентација ситно брои до првиот квалификациски дуел против Луксембург за место на ЕП 2024 година. Ова ќе биде поинаков дуел, утревечер (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе истрча „новата“ Македонија, во иднина товарот ќе им припадне на помладите имиња, кои со неколку искусни ракометари треба да ја продлжат традицијата, редовен пласман на големите натпреварувања.
Во составот веќе го немаме лидерот, Кирил Лазаров, тој од сега ќе го гледаме покрај аутлинијата, како предводник на „црвено-жолтите“, збогум кажа Стојанче Стоилов, а се повлече и Филип Миркуловски.
Лазаров најави дека ќе гради нова Македонија која ќе игра модерен ракомет. На почетокот можеби нема да биде убав за очи, но верува дека во брзо време сите ќе го прифатат стилот кој ќе го преферира Лазаров, а веќе се игра во Европа.
Предизвикот е голем, исто колку и желбата и упорноста на Лазаров да ја направи Македонија горда. Времето за подготовка е кратко, но секоја минута се користи максимално, се е запишано, останува да се спроведе утре на терен.
Билетите се пуштени во продажба, нашите ракометари посакуваат атмосфера како против Романија и Чешка.
Победата против Луксембург на стартот на квалификациите е единствена опција!