Мохамед Салах синоќа имаше блескав настап во дресот на Ливерпул на дуелот со Ренџерс во Лигата на шампионите, откако за само дваесетина минути колкушто беше на теренот во Шкотска успеа да собори два рекорда во Лигата на шампионите.
Египќанецот постигна три гола во победата на „црвените“ за само 6 минути и 12 секунди, по трите асистенции на Диого Жота. Со тоа го собори рекордот за најбрз хет-трик постигнат во ЛШ кој го држеше Бафетимби Гоми од Лион, кој во 2011 година постигна три гола против Динамо Загреб за 8 минути.
Тој со трите синоќешни гола веќе стигна до 38 гола во Лигата на шампионите со што стана најдобар стрелец на некој англиски клуб во ова елитно клупско натпреварување. Салах ги надмина Дидие Дрогба и Серхио Агуеро, кои имаа по 36 гола во Лигата на шампионите во дресовите на Челзи, односно Манчестер Сити.