Четвртата рунда денеска се игра и во третото по ранг УЕФА натпреверување – Конференциската лига. Таму не чекаат неколку возбудливи пресметки, по кои секој пораз може да биде фатален.
Еден од главните фаворитите на турнирот, Вест Хем, досега се непогрешливи во групата и имаат три последнователни победи. Ако денеска не дозволат „кикс“ против Андерлехт, за нив пласманот во следната фаза ќе биде обедбеден на две кола пред крајот на групната фаза.
Истото важи и за Виљареал. И „Жолтата подморница“ досега немаше проблеми да го запоседне врвот во групата „Ц“. Шпанците вечерва и гостуваат на Австрија (Виена) и доколку ја забележат 4-та последователна победа ќе бидат сигурен учесник во елиминациите. Клучни битки не чекаат во групата „Д“, каде Партизан, Ница и Келн се во жестока битка за првите две места. Денеска белградските „црно-бели“ се домаќини на Келн, додека Французите го пречекуваат Словачко.
Во групата „Г“ сите екипи имаат еднакви бодови, по 4. Затоа, денешните средби ќе бидат од клучно значење за исходот во групата. Клуж е домаќин на Славија (Прага), а косовскиот првак Балкани е домаќин на Сиваспор, против кого направи големо изненадување во минатотот коло.
Исклучително важен меч игра и Пјуник на нашето репрезентативно трио Спировски, Радевски, Ристевски, кој гостува во Литванија против Жалгирис. Со победа, Ерменците со една нога веќе се во следната рунда.