ЛЕ: Тричко го чека Џани, Барди и Трабзон не смеат да „кикснат“

86

Вечерва ќе се одиграат натпреварите од 4. коло во групната фаза од Лигата на Европа, по која некои од тимовите веќе можат да ја имаат својата промоција во нокаут-фазата. Неколку клучни пресметки во групите денеска ќе бидат во фокусот на интересот на фудбалската јавност, со оглед на тимовите кои во ова натпреварување од самиот почеток влегоа со предзнакот „фаворити“.

Во групата „А“ Арсенал оди на трета победа на гостувањето кај Бодо/Глимт. „Топчиите“ имаат две победи досега, но и натпревар помалку, па со трета победа се чини ќе си го гарантираат местото во следната фаза од турнирот.

Во групата „Б“ има два многу важни натпревари. Фенербахче на Џани Алиоски и француски Рен денеска можат да обезбедат пласман во елиминациите доколку победат на своите натпревари. Турците гостуваат кај АЕК Ларнака на Тричковски, додека Французите ќе му бидат гости на Динамо (Киев) .

Бетис исто така вечерва може да си ги запечати визите за нокаут-фазата доколку победи и на реваншот со Рома, што ќе биде едно од најголемите дербија на програмата денеска. Денеска е важен ден и за Манчестер Јунајтед, кој е домаќин на Омонија на „Олд Трафорд“. Доколку го добијат овој натпревар „црвените ѓаволи“ во голема мера ќе си гарантираат продолжување на настапите на турнирот. Во другиот натпревар од групата „Е“ Реал Сосиедад му гостува на Шериф (Тирапол) и со победа ќе биде сигурен учесник во следната рунда.

Не толку комплицирана, но доволно интересна е ситуацијата во групата „Х“. Таму Ференцварош и Монако имаат по 6 бодови, а Трабзонспор и Црвена Звезда имаат по 3. Затоа денешните натпревари можат да бидат решавачки за исходот на групата. Ференцварош е домаќин на Црвена Звезда, а Трабзонспор на нашиот Енис Барди е домаќин на Монако.

ПретходноСтрумица и Работнички вечерва ја отвораат новата одбојкарска сезона
Следно„Мундо Депортиво“: Барса се „крстеше“ во парите од ЛШ, сега остана без 20 милиони евра