Денеска е ден за фудбалско уживање. Денеска фудбалскиот фан од 16 часот па натака ќе си седне во фотеља и ќе проследи на ТВ три фудбалски мега- дерби дуели во Европа.
Секако дека во преден план е Ел Класико, најголемото фудбалско дерби во светот. Реал – Барса, е нај, нај мечот во фудбалскиот свет на клупски план. Ливерпул – Сити, дуел на две екипи кои во последните сезони жарат и палат во Премиерлигата. Не смееме да заборавиме на Лига 1, на мечот меѓу “вечните“ ривали ПСЖ и Марсеј.
16:15 Ч (ЛА ЛИГА – 9.КОЛО) РЕАЛ МАДРИД – БАРСЕЛОНА
Кога играат Реал и Барса во светот се заборава на војните, кризите, проблемите. Ел Класико е нешто најважно во тие моменти. А посебно кога и двата гиганти се борат за првото место на табелата во директен дуел. Кога во пресрет на дербито и двете екипи се на делба на првото место на табелата со по 22 бодови.
Бензема против Левандовски, Анчелоти против Чави. Денеска “Сантијаго Бернабеу“ ќе биде центарот на светот.
Денеска е ден за ЕЛ Класико. Да уживаме…
17:30 Ч (ПЛ – 11.КОЛО) ЛИВЕРПУЛ – МАНЧЕСТЕР СИТИ
„Редси“ против “сините“ од Манчестер е мега – дербито во Премиерлигата. Клоп против Пеп, меч за фудбалски гурмани. Фудбалскиoт “хевиметал“ на Клоп оваа сезона е далеку од очекувањата, Ливерпул не е ни сенка од тоа што треба да биде, но денеска Салах и компанија на „Енфилд“ треба да ја вратат старата слава. Сити и Клоп со “монструмот“ Халанд можеби се во предноста. Сити гази ли гази, но се знае, “Енфилд“ е нешто посебно.
Дали ова ќе биде меч – пресвртница за Ливерпул?
20:45 Ч (ЛИГА 1 – 11.КОЛО) ПСЖ –МАРСЕЈ
Вечерва Париз ќе “гори“, вечерва на “Паркот на принцовите“ силите ќе ги одмерат ПСЖ и Марсеј. Вечни ривали, фановите и на обете екипи најмногу се мразат. Тие од Марсеј им завидуваат на оние од Париз за петро –доларите, додека парижаните никако да прежалат дека Марсеј има титулаод ЛШ а тие немаат.
Во составот на ПСЖ вечерва ќе биде и Меси, тука се Мбапе и Нејмар. Ќе видиме како ќе се однесуваат по сите оние написи изминатите денови за Килијан.
ПСЖ има 26 бода, Марсеј пак 23. Се ова ветува битка до истребување…