Ново Европско се смешка: Младите момци Македонци држеа час по ракомет во Ван!

946

Македонската ракометна репрезентација е на чекор до пласман на ново Европско првенство. Кирил Лазаров и неговите избраници со цел плен се враќаат од Ван, каде ја совладаа Турција со 27-36 (8-17) во рамките на второто квалификациско коло за пласман на ЕУРО 2024 година. Младата генерација најави дека ракометна Македонија ќе има што да покаже допрва, големите натпреварувања нема да изостануваат.

Митревски во првото полувреме запиша седум одбрани, Томовски влезе во второто имаше пет, една од нив од седум метри. Талески со седум гола беше лидер, зад него беше Манасков со четири гола, Јагуриновски запиша четири гола. Пешевски, Георгиевски и Ѓорѓиев имаа по три погодоци, два реализираа Маркоски, Серафимов, Атанасијевиќ и Џонов.

„Црвено-жолтите“ во првите 13 минути го решија името на победникот, поведоа со 0-9 со головите на Пешевски (два), Талески (два), Јагуриновски, Костески, Серафимов, Ѓорѓиев и Манасков. Во овој налет на Македонија, Никола Митревски имаше шест одбрани, Томовски една од седум метри.

Противникот првиот гол го постигна во 14 минута, успеа да намали на седум гола разлика (5-12) пет минути подона, но Македонија ја повлече Манасков, а со голот на Маркоски поведе со 7-17 на нецели три минути до крајот на првото полувреме, кое заврши со 8-17 во корист на нашата репрезентација.

На голот во вториот дел застана Томовски. Турција отвори со два гола во низа, намали на 10-17, ние првиот гол го постигнавме преку Пешевски, веднаш во следниот напад Маркоски реализираше за плус девет (10-19).

Домаќинот фати некој ритам, но далеку од доволно за било каков пресврт, Македонија во 40 минути го запиша второто двоцифрено водство 14-24 со првиот гол на Георгиевски. На оваа партија, домаќинот одговори со 6-2 серија и дојдоа на 20-26 на средината на второто полувреме. Лазаров повика тајм-аут, Талески и Георгиевски веднаш одговорија за 20-28.

Ова беше период во кој нашите момци се опуштија, направија неколку грешки, но истите не променија апсолутно ништо, Павле Атанасијевиќ со бомба зголеми на 26-36, конечниот резултат на оваа средба гласи 27-36.

По овој натпревар, Македонија против Португалија ќе се бори за првото место во групата.

ПретходноЊукасл остана непоразен на „Олд Трафорд“, Челзи ја среди Астон Вила (ВИДЕО)
СледноАрсенал не застанува: Деветта победа за „топчиите“ (ВИДЕО)