Реал Мадрид ја совладаа Барселона со 3:1 во најголемото дерби на шпанскиот фудбал, популарното „Ел Класико“, одиграно попладнево на „Бернабеу“. „Кралскиот клуб“ покажа дека во моментов е во подобра форма од Барселона и сосема заслужено ги освои трите бода.
Одлична партија кај домашните имаше младиот Валверде, кој освен што постигна гол беше и еден од најдобрите на теренот. Реал (М) поведе во 13. минута со голот на Бензема, а Валверде на 10 минути пред крајот на полувремето им донесе на домашните високи 2:0 со кои се замина на пауза.
Реал имаше извонредна шанса во 52. минута кога Винисиус со одлична дијагонала го пронајде Бензема, Французинот шутираше со левата нога и ја погоди мрежата на Барселона, но голот беше поништен поради офсајд.
Во 78. минута убава шанса имаше Ансу Фати, а пет минути подоцна токму тој асистираше до Феран Торес, кој погоди за 2:1 .
Сите дилеми околу победникот беа решени во 92. минута, кога Родриго постигна гол од белата точка.