Коментар на 11.коло: Спорен пенал на Чаир, нова “БЛАМАЖА“ на Брегалница, а “пандевци“….

825

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Викендов се одиграа натпреварите од 11.коло. Супер-дербито меѓу Шкупи и Струга ТЛ, кое со нетрпение се очекуваше, заврши со победа на шампионот. Со пенал – победа откако судијата Александар Ставрев покажа на белата точка во една крајно сомнителна ситуација. Не знам како оваа ситуација ќе ја анализира Судиската организација, но дека беше спорен тука нема дилеми. И со тој пенал Шкупи победи и со тоа ја намали разликата на -7 бодови во однос на лидерот Струга ТЛ.

И Шкендија не се откажува, откако во одличен меч успеа да го победи Работнички, со двајца помалку на крајот, сега и дојде на Струга ТЛ на само -6 бодови. А мина точно 1/3 од првенството.

Има уште многу да се игра, но сепак стружани имаат и натаму добра предност.

Тука и Силекс не би го отфрлиле така лесно. Во секој случај ќе биде супер – интересно во понатамошниот дел од сезоната.

А тој Силекс си ја победи Брегалница и тоа во еден чуден меч. Прво водеше со 0:1, па губеше како гостин со 2:1 за да на крајот победи со 2:3.

Брегалница уште еднаш се “ИЗБЛАМИРА“. И дефинитивно овој клуб, овој тим, нема потенцијал за големи нешта и оваа сезона, за жал за фудбалски Штип. Но тоа е тоа…

Академија Пандев и натаму е во резултатска криза. Еве веќе и петто коло не знае за победа. И во Прилеп, кај Победа, иако “пандевци“ беа апсолутни фаворити не успеја да дојдат до триумф. Победа уште еднаш одигра херојски и успеа да дојде до бод откако Рамани постигна фантастичен гол. “Лавовите“ го победија Скопје со 2:0 и освоија три значајни бода.

Рековме веќе, заврши првата 1/3 од сезоната.

Генерално Струга ТЛ покажа најмногу, и затоа е тука каде што е, на лидерската позиција. Шкендија и Шкупи се враќаат во игра, Силекс и Тиквеш се најпријатните изненадувања, а Брегалница и А. Пандев најнепријатните.

Победа нема така лесно да се предаде…

Првата 1/3 не донесе којзнае каков квалитет, во овие услови тоа не може ни да се бара, но дека ќе биде супер интересно тука нема дилеми. Како за врвот така и за опстанокот.

Допрва ќе се разгорува битката.

ПретходноВнатрешната клупска политика ја СОТРЕ Брегалница!
СледноБразилците можат да здивнат, Ришарлисон не е сериозно повреден