14 од 32 селекции имаат перфектни „два од два“, една од нив е новата Македонија!

383

Стартот на квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година за македонската ракометна репрезентација се посебни. Во видно изменето „руво“, без лидерите кои со години го носеа товарот, младата Македонија успеа да запише две победи, и тоа не било какви туку убедливи.

Совладани се Луксембург и Турција, „црвено-жолтите“ на контото имаат четири бода и веќе се на чекор до пласман на ново големо натпреварување, против силната Португалија ќе се борат за првото место во групата, пресметката со оваа селекција е закажана во март следната година.

Македонија е во друштвото на 14 од вкупно 32 селекции кои имаат перфектен скор на стартот на квалификациите.

Младата генерација заедно со неколкуте искусни имиња испрати порака дека е гладна за докажување, дури успеа да го изненади Кирил Лазаров во Ван, во првите 13 минути го реши името на победникот откако поведе со 9-0 и до крај не му дозволи на противникот да се врати.

На двата меча Талески и Кузмановски покажаа дека се подготвени да ги поведат останатите, Митревски како и секогаш ја даде потребната стабилност на голот, зад себе ги има Томовски и Кизиќ, кој знаат да бидат добра замена, дозата на искуство на Гоце Георгиевски е незаменлива, а посебно радува кам-бекот на Дејан Манасков.

По долго време по повредата на коленото се врати во националниот дрес, заедно со Талески беа вистински лидери на теренот. Манасков постигна пет гола во првиот меч по паузата, со него сликата на теренот е поинаква.

Засега добра оценка заслужуваат и останатите ракометари, бидејќи без пардон ја користеа секоја шанса да постигнат гол.

Лазаров најави дека ги чека уште многу работа, а поголемиот тест ќе следи на претстојното Светско првенство во 2023 година, каде дефинитивно ќе треба да се има трпение, бидејќи Македонија се гради, а ќе треба да созрева против силни противници.

Порака од Ван е јасна – ракометот останува спорт број еден, бидејќи на еден чекор е Европско првенство во 2024 година.

ПретходноСпалети му одговори на Елмас по неговата објава!
СледноСтатистиката вели: Чави е најлошиот тренер на Барса од 2001 година па навака!