Пишува: Зоран Ѓоршоски
И одново. Попладневните кулоарски вести од Штип велат дека Илчо Ѓорѓиоски е сменет, само по којзнае кој пат, но дека нема човек од клубот да му го каже тоа. Факт е дека работите не одат како што треба, факт е дека проектот “Европска Брегалница“ не оди во посакуван правец. Дека фудбалски Штип “гори“…
И сега јасно е дека дел од вината ја има и Илчо, но најголемата вина оди кај директорот Никола Тонев, а голема вина има и кај првиот човек Кире Гогов кој не сфаќа дека е опкружен со советници кои му одмагаат а не му помагаат.
Тонев како спортски директор мора да сноси одговорност. Не е само да се сликаш со новите играчи и да се фалиш дека Брегалница оди во вистински правец, туку и да носиш одлуки кога е тешко. Како на пример да му кажеш на тренерот дека не е веќе тренер на тимот.
И кога е така, а така е, тогаш јасно е дека внатрешната клупска политика која ја предводи, пред се, самиот Тонев просто ја СОТРЕ Брегалница.
Фудбалски Штип заслужува ЕВРОПСКА БРЕГАЛНИЦА, но кога фановите не те сакаат, а ти упорно ја играш улогата на човек кој знае многу, кој смета дека без него и Брегалница ќе ја нема, ете ти проблем.
Самиот Гогов во последните две – три години, си има проблем со советниците. Кога Кире стана некој и нешто во фудбалот веднаш му се “залепија“ оние кои дотогаш се лепеа каде што имаше пари, во други клубови. А сега пари има во Брегалница, голем буџет, се гради и стадионот, а Кире не сфаќа, барем не засега.
Има уште многу да се говори, но ајде да ја почекаме новата епизода од серијалот „Илчо е сменет“ па потоа ќе конкретизираме некои работи.
Или можеби прво треба Тонев да си оди па потоа да се расчистат некои работи, да биде побистро. Вака е многу матно во Брегалница, многу…
И така ќе биде се додека на Гогов не му текне каде е проблемот, а проблемот е во неговото опкружување, до неговите најблиски советници.