Во драматична завршница Пелистер против Шенчур славеше со 71-67 во последниот меч на Златибор. За разлика од првата средба против ТФТ, овој пат избраниците на Марјан Илиевски пред себе имаа далеку посилен противник, кој не се предаде и кога губеше двоцифрено.
Мустафица постигна 17 поени, Хаџифезовиќ имаше еден помалку, додека Караџовски броеше до 13 поени. На другата страна Муриќ имаше 21 поен.
Дуелот почна во знакот на противникот, кој по првата четвртина поведе со 17-20. Битолчани брзо влегоа во ритам до пред крајот на вториот период постигнаа 20 поени, примија само седум и дојдоа до двоцифрено водство од 37-27. Кошаркарите на Шенчур на одморот успеа да намалат на 39-37.
Битолчани на стартот на третата четвртина поведоа со плус 11 (43-32), но потоа застанаа. Противникот со серија од 10-1 намали на 44-42, македонскиот претставник одржуваше позитива од два до шест поени, но веќе во првата минута од последната четвртина Шенчур со серија од 5-0 дојде до водство од 55-56. Пелистер успеа да ја врати предноста, водеше и со 62-56, но остана на исто ниво.
Дуелот влезе во неизвесна завршница, на 1:11 до крајот битолчани имаа 66-65, па со 68-67 по поени на Караџовски. Шенчур на 33 секунди до крајот, не го искористи нападот, па веднаш направи брз фаул. Караџовски беше половичен од линијата за слободни фрлања за 69-67. На голема среќа на другата страна немаше реализација, Јовановски стави печат на мечот.