“Лавовите“ славеа во Прилеп и се пласираа во 1/4 финалето во Купот на Македонија

321

 

Актуелниот освојувач на пехарот, тимот на Македонија ЃП е последниот патник во ¼ финалето од Купот на Македонија сезонава. “Лавовите“ попладнево во Прилеп, во меч од 1/8 финалето, со 0:2 успеаја да триумфираат над Победа и да одат во следната фаза во ова натпреварувања. Стрелци на головите беа Скендери во 5. И Адем во 25.минута.

Интересен, но не толку квалитетен меч. Тимот од Ѓорче знаеше умешно и рутински да ја оствари целта да победи на „жешкиот“ терен на стадионот “Гоце Делчев“ во Прилеп.

Гостите од Скопје многу рано, уште во раната фаза од мечот и тоа во 5.минута успеаја да го “отворат“ резултатот. Скендери од десно доби употреблива топка и од не така лесна ситуација успеа да ја погоди мрежата на домашниот голман Котевски за 0:1.

Победа се обидуваше да наметна своја игра, иницијатива, но сето тоа завршуваше до пред казнетиот простор на “лавовите“. А тие во 19.минута преку Самаке имаа шанса и за 0:2.

Самаке не успеа, но затоа во 25.минута резултатот гласеше 0:2 за тимот од Ѓорче. Убав гол на Ермедин Адем од слободен удар за удвојување на водството.  Убедливо водство уште во средината на првиот дел, со што Македонија ЃП навести дека има намера овој меч да го доби и да се пласира во следната фаза од Купот на Македонија.

На почетокот од вториот дел домашните тргнаа поофанзивно, поамбициозно, во 48.минута Спиркоски беше во шанса, но не го погоди голот. Прилепчани продолжија со атаците, но сепак не се тресеше мрежата на Стевковски.

Покрај Македонија ЃП, во ¼ финалето се уште екипите и на Струга ТЛ, Брегалница, Шкендија, Шкупи, А. Пандев, Силекс и единствениот второлигаш, тимот на Вардар.

ПретходноИранката која настапи без хиџаб пречекана како херој во Техеран!
СледноЧави: Мојот мобилен изгледа како да ми починал член на семејството!