И покрај големата желба и водството по првиот сет, екипата на Струмица Никоб не успеа да ја оствари целта со пласман во 2. коло од ЦЕВ Купот. Мурса Осијек оствари и втора победа над нашиот првак вечерва со 3:1 (21-25, 25-17, 25-19, 25-15) и со тоа не дозволи изненадување.
Хрватскиот состав одигра одлично и на првиот меч во Струмица кога славеше со 3:2, па денешната победа само ја потврди нивната одлична форма. Струмица Н. одлично го почна мечот, го доби стартниот сет со 25:21, но кога беше најважно да се продолжи серијата, падна во вториот сет. И покрај доброто отворање, поен за поен, кризата стигна кон средината на сетот кога Мурса се одлепи на 13:8 и потоа бепше се потешно. До крајот домашните го диктираа темпото и успеаја да го решат сетот со убедливи 25:17.
Тука како да падна мотивацијата кај струмичани кои не променија многу во играта во следните два сета и сосема заслужено се поразени и со овој меч го завршуваат својот евро-настап сезонава. Злобин со 20 и Милев со 14 поени беа најефикасни во редовите на Струмица Н. вечерва.