Претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, објави дека стадионот Канџурухан во Маланг, местото на една од најтешките трагедии поврзани со модерниот фудбал, ќе биде урнат. На ова место на почетокот на октомври во немирите што настанаа по натпреварот меѓу Арема и Персебаја, животите ги загубија 174 навивачи, а неколку стотина беа повредени.
Според Би-Би-Си, претседателот на Индонезија потврдил дека стадионот ќе биде срамнет со земја и на негово место ќе се гради нов, според безбедносните стандарди поставени од ФИФА. ВО немирите на почетокот на месецов, полицијата употреби солзавец за да ги растера навивачите кои упаднаа на теренот и почнаа да се тепаат по завршувањето на натпреварот. Стампедото на излезите резултираше со најмалку 174 смртни случаи, а многумина се уште се повредени во болниците.
Во меѓувреме, челниците на Фудбалскиот сојуз се чека да поднесат оставки. Шест лица, вклучувајќи полицајци и организатори, ќе се соочат со судење во кое ризикуваат максимална казна од пет години затвор. Истрагата објавена минатата недела покажа дека трагедијата била предизвикана од употребата на полициски солзавец на трибините, мерка за контрола на публиката апсолутно забранета од ФИФА. Извештајот на независната комисија откри и многу други фактори кои придонеле за ситуацијата. Според извештаите стадионот бил со полн капацитет, а излезните врати блокирани.