Франк Рибери и официјално се прости од професионалното играње на фудбал. Поранешниот француски репрезентативец стави крај на кариерата после 22 години, а последен клуб му беше Салернитана за која одигра само два меча оваа сезона, еден во Серија А и еден во Купот во август поради што се повреди и мораше да отсуствува.
Токму честите повреди го извадија од игра подолго време, поради што пропушти многу натпревари за Фиорентина и Салернитана после заминувањето од Баерн во 2019 година.
„Драги пријатели и фанови, дојде време да ви кажам дека се збогувам со фудбалот. Со вас и вашата поддршка го остварив сонот и ви благодарам од срце. Повеќе од 20 години играм фудбал на високо ниво, а денес и покрај моите обиди да го дадам најдоброто од себе, сепак, забележав дека тоа не е можно. Болките во коленото се влошија и докторите ме посоветуваа да престанам да играм. Немам друг избор освен да прекинам со фудбалот. Ова е крај на едно фантастично поглавие во мојот живот, но исто така шанса да им се заблагодарам на оние со чија помош немаше да бидам тоа што сакав: на мојата фамилија, моите соиграчи во сите клубови, тренерите и нивните стручни штабови како и навивачите“, напиша Рибери.
Тренерот на Салернитана Давиде Никола објави дека Рибери ќе му се приклучи на неговиот штаб и ќе учи за добивање на УЕФА тренерска лиценца.