Македонската фудбалска репрезентација е поразена предмалку во Абу Даби на пријателскиот меч против домаќинот Саудиска Арабија со конечни 1:0. Стрелец на единствениот гол на овој дуел беше Салех Калид Алшехри во 85. минута од мечот, со ударо со глава во моментите кога ние бевме со десетмина играчи затоа што на Егзон Бејтулаи му се укажуваше лекарска помош.
На самиот крај од мечот, нашиот национален тим беше драстично оштетен за удар од белата точка затоа што најпрво Стојановски беше фаулиран, а потоа ударот на Трапановски беше оигледно блокиран со рака од гол линијата од еден домашен репрезентативец. Сепак, судиската тројка од ОАЕ остана нема при оваа ситуација.
Во суштина, ова требаше да биде и всушност беше дуел на кој селекторот Благоја Милевски имаше можност на дело да ги види играчите кои ги селектираше од домашниот ПМФЛ шампионат, и да провери кои од нив имаат потенцијал да одговорат на евентуалниот повик кога ќе стартуваат редовните квалифиакции односно Лигата на Нациите.
Македонија на овој дуел прикажа солидна игра во која создаде неколку ситуации, но не ги искористи. Од друга страна домаќинот исто така можеше и порано да дојде до водство, но Наумовски, а особено Алексовски во вториот дел интервенираа неколкупати.
Селекторот Милевски им даде шанса на речиси сите повикани фудбалери, и веројатно дека има појасна слика за нив околу репрезентативниот капацитет.
Саудиска Арабија – Македонија 1:0
Стрелец:Салех Калид Алшехри 85 (СА)
Македонија: Наумовски, Тошевски, Брдаровски, Бејтулаи, Велковски, Адем, Димоски, Хасани, Дориев, Максимов, Ибраими
Играа уште: Стојановски (45), Трапановски, Шабани, Николов, Алексовски (58) Мерџани (64) Младеновски (88)