Реал Мадрид ќе мора да му плати на Олимпик Лион дополнителни 1 милион евра поради клаузула во договорот за трансферот на Карим Бензема во кралскиот клуб пред 13 години. Реал Мадрид тогаш плати рекордни за францускиот фудбал 35 милиони евра, но со дополнителни клаузули сумата може да достигне до 41 милион евра.
Според „Екип“ Реал ќе треба да плати дополнителни 1 милион евра затоа што Бензема ја освои „Златната топка“ на Франс фудбал. Бензема е дете на Лион, а фановите на овој француски клуб ја празнуваа победата на својот сограѓанин. Дури и претседателот на Лион, Жан Мишел Ола присуствуваше на церемонијата во Париз за да изрази задоволство и лично да му ја честита победата на својот поранешен играч.