Италија, еден од гигантите во светскиот фудбал, по вторпат едноподруго нема да биде учесник на СП. „Азурите“ не настапија во Русија 2018, нема да настапат и во Катар 2022 кое започнува на 20 ноември.
Во пресрет на Мундијалот, селекторот на Италија вчера во интервју за тамошните медиуми говореше на повеќе теми, а откри и една мала тајна.
А таа е дека по поразот од Македонија во Палермо во март оваа година, кога и дефинитивно Италија не се пласира на Мундијалот имал намера да си замине од местото селектор на репрезентацијата.
„Да, тоа е неуспех, голем неуспех за Италија. И кога имате таков неуспех тогаш некој треба да ја преземе одговорноста. Искрено размислував да си поднесам оставка. Реално требаше и мораше да играме на СП во Катар, но ете, погрешивме и затоа сега ќе го гледаме Мундијалот преку ТВ екраните. Имавме големи шанси во квалификациската група, се пласиравме во плеј-офот без пораз. А тоа со Македонија што да кажам? Примивме еден гол од еден удар. Пласманот во завршната фаза во Лигата на Нации и тоа како добро ни дојде, сега следува најтешкиот месец за нас. А тоа е СП без Италија, треба да се издржи“ рече покрај другото Манчини.