Е.Пелистер оваа сезона е единствениот македонски претставник во европските клупски натпреварувања, откако Вардар 1961 поради финансиски долго остана без настап во Лигата на шампиони.
Битола денеска се буди, во салата „Боро Чурлевски“ нивните миленици почнуваат нова авантура во Европската лига, а гостин е дански Архус, дуелот се игра со почеток во 20:45 часот. Македонскиот вицепрвак направи големи промени во составот за разлика од минатата сезона, на клупата е Ларс Валтер, кој треба да направи многу повеќе од неговиот претходник Жељко Бабиќ.
„Видов многу натпревари на Архус оваа сезона. Не знам дали имаат проблеми, затоа што загубија многу натпревари со еден-два разлика. Во Данска секој од шеснаесетте екипи во Првата лига може секого да победи. Можеби имаат премалку бодови, но тие се добра екипа. Играа многу брзо и мора да бидеме подготвени. Кога нашите навивачи се тука и ќе ја исполнат оваа сала тие се секогаш во форма и можеме да научиме нешто од нив. Извонредно е тука и едвај чекам да ја почувствувам таа атмосфера“, вели тренерот на битолските „зелено-бели“, Ларс Валтер.
Ракометарите на Е.Пелистер велат дека се подготвени да одговорат на европскиот предизвик.
„Се подготвуваме многу добро, јако тренираме. Ја гледавме данската екипа како игра, се поставуваме да играме подобро и мислам дека на крајот од денот ќе издвојуваме победа. Многу добро ни дојдоа овие седум натпревари од домашното првенство, се разигруваме и тоа е многу добро за нас пред европските натпревари“, смета Павле Атанасијевиќ.