Светското фудбалско првенство ќе почне идниот месец (20 ноември) и тоа во екот на сезоната кога има згуснат распоред на натпревари. Шампионатите ширум светот ќе запрат за да се одржи Мундијалот, а потоа фудбалерите се враќаат на клупските обврски. Тренерот Карло Анчелоти ги посоветува играчите кои ќе играат во Катар.
„Повредите се дел од фудбалот. Мојот совет до фудбалерите е: Ако не сакате да бидете повредени, тогаш лежете си на каучот. Можете да се повредите по судир со соиграч за време на тренинг или да ве удри топка во главата или нешто слично. Во моментов сите сакаат да тренираат и да бидат спремни за на СП, но исто така сакаат да избегнат и повреди. Ако некој ми рече дека се плаши да тренира и да оди на СП, тогаш нека си седи дома и нека си гледа филмчиња. А познавам многу такви фудбалери“, изјави Анчелоти.
„Мислам дека сега е тежок период од сезоната затоа што има многу натпревари. Добро се држиме (Реал Мадрид) иако имаме неколку повредени фудбалери. Знам дека играчите сакаат да отидат здрави на СП и да се вратат здрави. Играч ќе биде спремен за настап на Мундијалот ако константно игра за клубот“, додаде италијанскиот тренер.