Македонската женска ракометна репрезентација стартуваше со подготовките за Европското првенство кое ќе се одржи во три земји: Словенија, Македонија и Црна Гора.
Во нашиот главен град ќе пристигнат врвни ракометни селекции, а нашите девојки ќе ја имаат таа чест да играат пред домашната публика. Иако ја носат улогата на фаворит, сепак нема лесно да се предадат пред големите имиња, посакуваат да запишат барем една победа.
„Прво многу ни е драго што сме домаќини на ова ЕП и што сме дома, имаме поддршка од нашата домашна публика. Во овие две и пол недели ќе работиме напорно и се надевам дека ќе постигнеме барем една победа за да се пласираме во наредната фаза. Атмосферата е супер, девојките се како семејство и се надеваме дека сите заедно ќе одиме до победа.
Подмладена ни е репрезентација, но ние поискусните се обидуваме да им помагаме, разговараме, колку што можеме психички им помагаме да немаат страв во натпреварите, да бидат слободни, да можат да играат и се надевам дека нивната брзина и младост ќе ги искористиме на теренот“, изјави Сања Дабевска.
Трема не постори, притисок се чувствува мал, но сето тоа ќе го остават зад себе, ќе ја чекаат шансата за бајка.
„Трема немаме, можеби некој притисок, но никогаш не се знае, топка е, се врти. Може другите репрезентации да имаат лош ден. Да, Франција како Франција е голема репрезентација, но никогаш не се знае. Ако се откажеш пред време не можеш да знаеш дали можеш да победиш. Така што се е можно. Ние ќе се фокусираме повеќе на Романија, се надевам дека ќе се подготвиме добро и физички и тактички и дека ќе успееме да победиме“.
Ако се бара најсилното оружје, Дабевски вели дека тоа е што функционираат како едно, храбри се и сплотени.
„Нашата најсилна страна е што сме како фамилија. Имаме срце и храбри сме и би го покажале тоа на терен. Некако заедно сме посилни и сплотени. Мислам дека тоа ќе победи, срцето и волјата дека можеме да успееме“.
Македонија на 5. ноември игра против Франција, два дена подоцна ќе ги одмери силите со Холандија, додека на 9. ноември, групната фаза ќе ја заврши против Романија. Како домаќин ќе игра во терминот од 18 часот.