Третото коло во Првата лига ќе биде комплетирано вечерва. Во СЦ „Кале“ на програмата е градското дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје, дуелот е закажан во 17 часот.
И двата тима зад себе имаат пораз, со тоа што најтрофејниот кошаркарски колектив ја чека првата победа во новата сезона, беше совладан од Феникс на стартот, а потоа и од Пелистер, додека пак актуелниот македонски првак на домашен терен падна пред Гостивар.
Фаворит, според составот е МЗТ Скопје. Александар Петровиќ за разлика од својот колега Димитар Мираковски на располагање има играчи за аба-лигашкиот предизвик. Но, ниту тоа не е гаранција за победа, Гостивар покажа дека улогата на фаворит мора да се оправда на теренот, а кога станува збор за градските пресметки клучна е мотивацијата.
МЗТ Скопје ги има добиено последните три меча, еден од нив е во Купот на Македонија, додека на другата страна Работнички последен пат против градскиот ривал славеше во април 2021 година.
Од овој натпревар ќе има директен пренос на МТВ.