Екипата на Партизан која по осум години се врати во Евролигата, ја запиша втората победа сезонава. По поразите од Армани, Басконија и Алба, следуваше победа над Виртус, а вечерва „црно-белите“ успеаја да го совладаат и Жалгирис во „Белградска арена“ со 87:76. На паркетот блескаше Кевин Пантер кој за неполни 20 минути постигна 26 поени, а „двоцифрени“ беа уште Данте Ексум (11), Зак Ледеј, Џејмс Нунали и Матијас Лесор (сите со по 10 поени). Кај Жалгирис најмногу поени 16 постигна Кенан Еванс.
Ова е трет пораз на Жалгирис кој сега има скор 2-3.
А Олимпијакос по триумфите над Барселона, Жалгирис, Реал и Басконија, во 5.коло беа совладани од Монако со 81:76. Најзаслужни за победата на Монако беа Ели Окобо со 23 поени и Мајк Џејмс со 20 поени.
И вториот грчки претставник Панатинаикос вечерва доживеа пораз. Тие изгубија од Макаби во Тел Авив со 85:74. За Макаби тоа е четврта победа сезонава.
А Реал „падна“ на свој терен. Кралскиот клуб загуби од Виртус Болоња пред своја публика со 92:95.
Кај Реал, Габриел Дек постигна 28 поени, Марио Хезоња 15, Валтер Таварес 13. Кај гостите од Болоња најефикасен беше Ифе Лундберг со 18 поени, Исмаел Бако постигна 16, додека Мам Јатех даде 12.