ЛЕ: Алиоски за осминафинале, Барди пред тешка битка во Белград

124

По синоќешната луда завршница на 5. коло во Лигата на шампионите, вечерва на ред се средбите од истата оваа рунда во вториот по квалитет европски фудбалски турнир на УЕФА – Лигата на Европа.

Во групата „А“ еден од најголемите фаворити на турнирот, Арсенал гостува кај ПСВ Ајндховен. „Топчиите“ веќе обезбедија пласман во следната фаза и им треба само бод за да го обезбедат првото место во групата. Во групата „Ц“, ситуацијата е доста интересна. Лудогорец го пречекува Бетис во Разград и со победа може да се израмни со Шпанците на врвот на табелата. Рома заостанува само 3 бода зад „зелените“ и со победа над Хелсинки на гости може да се израмни со бугарскиот шампион.

Во групата „Е“, фаворитите Манчестер Јунајтед и Реал Сосиедад веќе го обезбедија својот пролетен настап на турнирот. Сепак, сега ќе се борат за првото место кое е исклучително вредно и го испраќа тимот директно во 1/8-финалето. Најтесно е во група „Ф“ каде сите екипи се со еднакви бодови и се чини дека ништо нема да се реши до последното коло. Лацио е домаќин на Митјиланд, а Штурм го пречекува Феенорд.

Клучен натпревар претстои меѓу Црвена звезда и Трабзонспор. На Србите им треба само победа за да ги задржат шансите за пласман понатаму, а на нашиот Енис Барди и Трабзонспор им се потребни три бода за да дојдат на чекор до следната рунда. Во групата „Б“, Фенербахче на Џани Алиоски има директен дуел со Рен за првото место во групата кое директно води во осминафиналето.

ПретходноГолманот на Е. Пелистер ја има најдобрата одбрана во ЕХФ Европската лига (ВИДЕО)
СледноСудиска анализа: Добри судиски проценки на спорните ситуации