Пишува: Зоран Ѓоршоски
Она што можеше да се очекува пред еден месец, тоа и се остварува. Имено Струга Трим Лум и дефинитивно како тим е уморна. Ако пред три кола сите свои ривали ги “мачкаше“ и имаше супер биланс од 8 победи во исто толку мечеви, имаше и +11 бода предност пред Шкендија, Шкупи и Силекс, сега веќе не е така.
Струга ТЛ уште е лидер, но сега е само на +3 бодови пред Шкендија и на +4 пред Шкупи и Силекс. На последните три меча, и сите како гостин, тимот на стратегот Срѓан Захариевски освои само еден бод од можни девет, значи изгуби цели 8 бода разлика, и ете, конкурентите ја стигнаа.
Велиме можеше да се претпостави зошто Струга ТЛ објективно нема долга клупа или голем ростер. И кога ќе почнат повредите, суспензиите ете ти проблем. Сепак секој тим во една сезона во одредено време го фаќа криза, а за Струга ТЛ тоа е овој момент.
Победа е чудо. Прилепчани прават чуда. Тренерот Бобан Бабунски со своите момци вчера ја победи Струга Трим Лум и сега Победа има 11 бодови и се наоѓа на табелата пред Работнички, А. Пандев и “фенерцијата“ Скопје. Оваа Победа и натаму ќе им ги расипува сметките на сите оние кои мислат дека ќе им биде лесно кога играат со тимот од Прилеп.
Шкендија и Шкупи вчера по малку и рутински победија против Скопје и Тиквеш и сега се блиску до лидерот, 3-4 бодови разлика како што рековме.
Силекс го држи победничкиот ритам, а Работнички никако не успева да влезе во една победничка серија која ќе го лансира погоре на табелата.
Брегалница и тренерот Ѓорѓиоски си “земаа живот“ барем за една недела по триумфот над А. Пандев.
Од друга страна продолжува мизерија и очајот на “пандевци“,. Замислете, тие немаат победа цели два месеци, од 31 август. На последните шест средби имаат освоени само еден бод од можни 18 и затоа сега се претпоследни.
Место “ЕВРОПСКА“ Академија Пандев дали ќе гледаме “ВТОРОЛИГАШКА“ Академија Пандев?
Тренерот Александар Васоски откако се врати на клупата има нула победи, само едно реми и четири порази.
Премалку за таков тренер, премалку и за таква екипа на А. Пандев.
Навистина голема енигма е што навистина се случува со струмичани кои до пред некој месец играат и во Европа.