По поразот во Европската лига, Е.Пелистер се рехабилитираше во домашниот шампионат, на гости кај Скопје 2020 славеше со 20-25 во рамките на осмото коло во Супер-лигата и остана лидер во групата Б.
Дуелот почна според очекувањата, битолчани тргнаа со серија од 1-6, водство кое го имаа и нешто подоцна (3-8). На спротивната страна Скопје 2020 не губеше мотив, имаше негатива од три од четири гола, која по 9-12 на одморот успеа целосно да ја стопи. Со серија од 4-0 изедначи на 14-14 и храбро му се спротистави на европскиот состав на Пелистер, кој дефинитивно ќе мора да смени нешто доколку сака да направи нешто повеќе.
На средината на второто полувреме беше 17-17, три нереализирани напади на домаќинот, битолчани ги казнија за 17-20. Ова беше и одлучувачката серија за победа на битолчани, на крајот изразена во пет гола (20-25).
Трајковски со шест гола беше прв стрелец кај домаќинот, два помалку имаше Јакимовски. Кај Пелистер, Хененберг запиша шест погодоци, четири имаше Руди.
За Пелистер ова беше седма победа оваа сезона, има едно реми, додека на другата страна Скопје 2020 имаше шест порази и само две победи.