Единствената тркачка серија во Македонија што целосно има интернационален календар Twingo Cup викендов ќе се вози во Италија што ќе биде претпоследна за сезонава. Деветмина Македонци ќе се појават на легендарната Ф1 патека заедно со своите колеги од Словенија, Италија, Србија и Австрија. Стартната листа на Монца треба да биде најдолга сезонава, и се очекуваат вкупно 39 возачи.
Целата натпреварувачка програма ќе биде набиена во два дена, сабота и недела. Ќе се возат слободните тренинзи, квалификациите и по една трка дневно. Малите автомобили што сезонава привлекоа огромно внимание на патеките веќе се појавија на Хунгароринг и Ред Бул Ринг, а се возеа трки и на патеката Гробник. Италијанска Монца е една од најбрзите тркачки патеки каде традиционално се возат и трките од Формула 1. До крајот на сезоната остануваат уште два тркачки викенди и четири трки до крај на првенството (Монца и Серес).
Од деветтемина македонски возачи кои се пријавени за првенството на Македонија дури шестмина се со реални шанси да стигнат до титулата. На досегашните пет трки имаше три различни победници, Марко Блажевски, Давид Малинковски и Владимир Тренески. На Монца за првпат ќе вози и Бојан Петрушевски во автомобилот на Ненад Костовски кој реши да му даде шанса на младиот возат. Во игра за титулата се уште 80 бодови за победа (по 20 по трка) и сите опции се отворени.
Најголеми шанси за титулата имаат Марко Блажевски (75 бода) и Давид Малинковски (65). Бодовната разлика меѓу нив е само 10 бода, во корист на Блажевски. Тој победи на трите последни трки. Давид Малинковски е победник на ланската сезона на Twingo Cup. Во втората група на возачи кои имаат шанса за титулата се четворица возачи: Владимир Тренески (49 бода), Ангелче Стојкоски (48 бода), Слободан Трајковски (46) и Зоран Мираковски (46 бода). Единствените двајца возачи што настапиле на сите досегашни трки и успеале да освојат бодови се Ангелче Стојковски и Слободан Трајковски. Сите ќе ја чекаат шансата од позадина и можна грешка на водечкиот двоец. Според програмата в сабота ќе биде навистина набиена агендата на Монца со два слободни тренинзи, квалификации и плус една трка. Изутрина се слободните тренинзи, а квалификациите се во 14,50 часот. Според нив ќе се формира стартната листа. Првата трка во сабота се вози во 17,30 часот.
Во недела ќе се вози втората трка по што ќе се има почиста слика кој е поблиску до титулата. Таа е закажана за 13,10 часот. Патеката во Монца е долга 5793 метри и има широчина од 10 до 12 метри што дозволува и престигнување речиси секаде со оглед на не толку големата брзина што ја развиваат возилата на Twingo Cup. Ова е трета сезона од Twingo Cup што се бодува за првенството на Македонија, а севкупниот победник како награда ќе го добие електричното возило Renault Twizzy.