Селекцијата на Данска ќе допатува во нашата земја со малку изменет состав во оној со кој ни се спротивстави на првиот натпревар од вториот круг на претквалификациите за ЕП 2025 одигран во Нествед.
Основната информација од таборот на нашиот ривал во пресрет на дуелот закажан за 13. ноември во салата „26.април“ во Гевгелија, е дека нивниот стручен штаб не може да смета на двајца, и тоа како важни, играчи.
Во овој момент, извесно е дека Габриел Ифе Лундберг, како важен играч на Виртус Болоња, има обврски во Евролигата, и распоредот на италијанскиот тим во ова натпреварување не му дава можност да заигра во ноемврискиот ФИБА „прозорец“, во кој освен дуелот со Македонија, Данска игра и против селекцијата на Словачка.
На списокот кој го објави на официјалната веб-страница на националната федерација, селекторот Алан Фос, го изостави и Кевин Ларсен за кого се вели дека мора да мирува, и нема дозвола за играње во наредниот период.
Од тие причини, стручниот тим на Данците одлучи да им даде шанса на тројца нови кошаркари, а списокот со 12. кошаркари е комплетиран со играчот на Бакен Беарс, Ноа Черчил, како и Џонатан Клусман (Рандерс Кимбриа) односно Дејвид Кристенсен (Навара).
Алан Фос го опишува конечниот состав на Данска за она што следува во месец ноември:
„Мислам дека имаме добар тим составен од помлади талентирани играчи кои имаат голем потенцијал, и малку постари искусни играчи кои, покрај тоа што одиграа многу натпревари на ова ниво, го одржуваат и индивидуалното ниво потребно за да играме против нации како Словачка и Македонија. Се надеваме дека е доволно да дојдеме до победи на тешките гостински натпревари. А во исто време важно е да создадеме игра која што ќе можеме да ја користиме во иднина и која може да ни даде добра почетна точка за идните натпревари. Имаме многу други играчи кои имаат квалитативно ниво да бидат дел од овој тим. А по овие два натпревари има многу работа да ги следиме внимателно и да се осигураме дека изборот што го правиме е оној вистинскиот. Потполно се согласувам дека нема да ги задоволиме сите и дека секогаш ќе има многу мислења. Но секогаш мора да можеме да ги оправдаме нашите избори“.
Репрезентативците на Данска ќе се соберат на 7. ноември во Словачка, каде ќе се подготвуваат за претстојните натпревари. Прво со Словаците, на 10. ноември, а три дена подоцна, на 13. ноември, против нашиот национален тим, во Гевгелија.
Ростер на Данска, за средбите со Македонија и со Словачка:
Адама Дарбо, Асбјорн Мидтгард, Давид Кристенсен, Даниел Мортенсен, Дарко Јукиќ, Густав Кнудсен. Јонас Зохоре, Џонатан Клусман, Мадс Бонде, Ноа Черчил, Себастијан Арис, Силвестер Берг